Гласот на граѓаните донесе промени: „Стоп за Вардариште“ доби поддршка од институциите, започнаа првите активности за санација на депонијата!

Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“, составена од жители на општините Аеродром и Гази Баба, соопшти дека долготрајниот труд на членовите конечно дал резултат. На конструктивен состанок со надлежните институции на 8 октомври 2025 година, беше прифатен поголемиот дел од нивните барања, а веќе следниот ден започнаа првите активности за санација на депонијата.

Според иницијативата, институциите се обврзале да спроведат неколку конкретни мерки: целосно обезбедување на Вардариште, поставување видео-надзор со пристап на иницијативата за транспарентност, почеток на хумано иселување на лицата кои престојуваат таму и темелно чистење на депонијата во три фази. Првата фаза веќе е започната, втората ќе се интензивира по изборите, а третата ќе вклучува ревизија на постојната студија и долгорочно ревитализирање на просторот.

Иницијативата ги прекина граѓанските блокади поради видливите први резултати, но најави дека ќе продолжи да ја следи имплементацијата на мерките и ќе реагира доколку ветувањата не се почитуваат.

„Овој процес ни покажа дека гласот на граѓаните има сила. Со упорност и независност од партиски влијанија, може да се постигнат реални промени и да се подобри животната средина“, истакнуваат од „Стоп за Вардариште“.

Иницијативата најавува дека ќе продолжи да поддржува сите непартиски активности за чист воздух и достоинствен живот, нагласувајќи дека Вардариште може да стане симбол на промена, а не извор на загадување.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.