Во напуштените бараки каде студентите по медицина учеа со години, сега живее шест членото семејство Демирови. Без струја и вода. Има постојана опасност од ширење на секакви зарази.
Петгодишната Амбра која пред неколку дена излезе од болница има метална шипка во раката, бидејќи пред извесно време ја скршила раката. Таа и нејзините браќа не поседуваат ников документ, немаат право на социјална помош ниту имаат право на здравствено осигурување. Сметката за операција на раката која треба да ја платат е над 12 ијади денари.
„Денеска ако питачам би заработила, двеста, триста или четрсто денари. Но тие пари не ми стигаат за ништо. Ниту за пелени, млеко, сок, зејтин, шеќер. Маж ми нема работа, пешки оди. И е болен и јас сум болна. И он падна пред некој ден и за него болница треба да платиме. Не примаме социјално“, вели Лирија Демирова.
Родителите имаат оштетен слух и говор, како и нивните деца. Деветгодишниот Едвин наместо да оди на училиште и да игра со другарчињата, тој питачи и понекогаш ги чува неговите браќа и сестра.
„Ништо не правам ги чувам децата“, вели Едвин.
И како ти е? Добро? Дали те слушаат?
„Не“.
Што правите?
„Ништо, работиме, по канти. По канти земаме храна и јадеме“, вели Едвин.
Наместо млеко, шишето кое го држи Ермин е наполнето со песок. Децата собираат храна од контејнери и со таа се хранат.
Семејството Демирови спијат на под во импровизирани кревети. Мајката Лирија Демирова вели дека сака една соба која ќе биде во нивна сопственост.
„Тука живеам без стуја и вода. Работиме по кантите. Собираме шишиња и други работи. Моментално тука е многу тешко за живеење. Ние не слушаме полуглуви сме. Маж ми и децата. Немам социјално, децата немаат документи. Многу тешко“, рече Лирија.
Навечер се случува семесјтвото да биде нападнато како што велат тие од зависници од дрога. Во еден случај реагирала и полицијата.
“Доаѓаат ни тропаат на врата и не закачаат. Се дрогираат. Викаат дека ќе не исфрлат и дека ќе не запалат со бензин. И ние не сакаме тука да седиме. Ние не слушаме добро. Кога ќе видиме така бегаме во полиција“, изјави Лирија.
Тие не се чувствуваат безбедно во бараките на Медицинарот. Бараат само покрив на главата. Децата да имаат среќно детство и наместо да одат да бараат храна и облека по контејнери, да почнат да одат на училиште.