Македонија има исклучително засилен билатерален ангажман со Вашингтон и се позиционира како еден од клучните сојузници на американската администрација, порача министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во своето гостување во емисијата „Тема на денот“ на Сител, осврнувајќи се на посетата на САД и средбите со високи претставници на американските власти.
Коментирајќи ја средбата и комуникацијата со државниот секретар на САД, Марко Рубио, Муцунски истакна дека со него има изградено одличен меѓусебен однос заснован на доверба и заемни приоритети. Тој нагласи дека американската страна ја препознава и цени улогата на нашата држава на меѓународен план.
„Неговата почит кон тоа што нашата држава го прави беше пренесена и директно кон премиерот, но и неговото разбирање за тоа дека ние сме еден од клучните поддржувачи и во Европа, па би рекол и во светот, на политиките на Соединетите Американски Држави е ноторен факт“, изјави шефот на дипломатијата.
Муцунски подвлече дека стратешкото партнерство со САД претставува еден од темелните постулати на македонската надворешна политика и најави дека интензитетот на соработката ќе продолжи да се продлабочува. Според него, високиот степен на партнерство и политичко разбирање веќе дава конкретни резултати и на економски план, преку раст на трговската размена и преговори за американски инвестиции во стратешки сектори.