Во Грција, Бугарија и Романија се одржува голема воена вежба на НАТО наречена „Стабилна стрела 2025“, пишува „Екатимерини“. Она што го привлече вниманието на сите е дека за прв пат се одржува голема воена вежба без учество на војската на Соединетите Американски Држави.
Според споменатиот портал, во Европа расте загриженоста за американскиот претседател Доналд Трамп и неговата посветеност на колективната одбрана, на што се заснова Алијансата. Европа сака што е можно поголема независност поради Трамп, кој постојано повторуваше дека европските членки на пактот на НАТО мора да ги зголемат трошоците за одбрана на пет проценти од нивниот БДП.
Исто така, отсуството на САД на една ваква важна воена вежба укажува, според „Екатимеринија“, дека надворешната политика на Европа кон Вашингтон се менува. Европските сојузници сметаат дека е важно Европа да воспостави силна источна граница со цел да се намали влијанието и притисокот на рускиот претседател Владимир Путин.
„Ова е она за што се подготвувавме. НАТО сакаше да има сила која е подготвена, флексибилна и способна да дејствува во пет домени – воздух, вода, земја, вселена и сајбер простор“, рече италијанскиот генерал-полковник Лоренцо Дадарио.
Оваа воена вежба се одвива во време кога интензивно се споменуваат преговорите за завршување на војната во Украина. Во среда, на 12 февруари, американскиот претседател Доналд Трамп разговараше со Владимир Путин и Володимир Зеленски, а претстојниот викенд (од 14 до 16 февруари) се одржува Минхенскиот безбедносен форум, кога може дополнително да се интензивираат мировните преговори за конфликтот во Источна Европа.