Google побара од судот на Европската унија да ја суспендира регулаторната наредба со која од компанијата се бара да ја отвори својата база на податоци за пребарување за OpenAI и за конкурентските пребарувачи. Со овој потег, Google го интензивира спорот околу клучните европски правила чија цел е ограничување на моќта на големите технолошки компании, пренесува Ројтерс.
Компанијата вчера покрена правна постапка против Европската комисија во врска со наредбата, а сега потврди дека поднела и барање за привремени мерки до Општиот суд во Луксембург, вториот по важност суд во Европа.
„Привремени мерки се бараат во ситуации кога постои ризик од сериозна штета. Сметаме дека токму тоа е случајот овде со членот 6(11), кој, како што претходно наведовме, претставува ризик од сериозна штета по приватноста на европските корисници“, изјави портпарол на Google. Компанијата тврди дека споделувањето на податоците би ги загрозило клучните безбедносни механизми и заштитата на приватноста на милиони Европејци.
Европската комисија, која ја надгледува конкуренцијата во рамките на Унијата, ја издаде наредбата во јули. Целта на одлуката е да им се овозможи на конкурентите – особено на чет-ботовите со вештачка интелигенција – да се натпреваруваат под еднакви услови со пребарувачот на Google и да им понудат поголем избор на компаниите и корисниците. Комисијата наведе дека нејзините одлуки го земаат предвид интегритетот на системот и безбедносните карактеристики, како и потребата за заштита на личните податоци на крајните корисници.