Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со јавните претпријатија и надлежните служби, е целосно мобилизиран по силното невреме што денеска го зафати главниот град.
Според Ѓорѓиевски, екипите се подготвени за брза интервенција доколку се појават штети, поплави или други ситуации што бараат итна реакција. Тој посочи дека Град Скопје е во постојана координација со Центарот за управување со кризи (ЦУК), Министерството за внатрешни работи (МВР), ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и останатите надлежни институции.
„Сите капацитети се ставени во функција, со една цел – навремена заштита на граѓаните и спречување на поголеми последици“, истакна градоначалникот.
Тој најави дека екипите на Град Скопје ќе останат на терен во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе има потреба.
Воедно, Ѓорѓиевски апелираше до граѓаните да бидат внимателни, да останат смирени и да соработуваат со надлежните служби.
„Не можеме да го запреме невремето, но можеме организирано, одговорно и заеднички да спречиме поголеми штети“, порача градоначалникот, нагласувајќи дека службите се на терен и дека граѓаните не се сами.