Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска обелодени сериозни сомнежи за неправилности во работењето на јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Како што истакна, биле откриени случаи во кои на платниот список се наоѓале лица што воопшто не доаѓале на работа, а меѓу нив имало и лица кои се наоѓаат во затвор.
„Имаме ситуации во кои на плата се луѓе кои не ја извршуваат својата работа, а дел од нив дури и не се на слобода. Тоа претставува сериозна злоупотреба на јавни средства и систем кој мора итно да се расчисти,“ изјави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека ќе побара целосна истрага од надлежните институции со цел, како што рече, „да се утврди кој и зошто дозволил вакви злоупотреби“.
„Јавните претпријатија треба да бидат пример за одговорно и чесно работење, а не место за партиски вработувања и фиктивни исплати. Граѓаните очекуваат отчетност и транспарентност – ова не смее да остане без одговор,“ порача градоначалникот.
Од „Комунална хигиена“ засега не дадоа официјален коментар на изнесените тврдења.