Ѓорѓиевски најави нови мерки против загадувањето во Скопје

Градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, најави дека до крајот на годината ќе се одржи средба со премиерот Христијан Мицкоски и Министерството за животна средина за дефинирање конкретни мерки против загадувањето на воздухот.

По конститутивната седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски истакна дека справувањето со аерозагадувањето повеќе не смее да биде само декларативна заложба. Тој посочи дека веќе се вршат засилени инспекциски контроли на терен, иако тие се спроведуваат без јавен публицитет.

„За Град Скопје слободно побарајте информација од Секторот за инспекција колку пати сме постапиле против потенцијалните загадувачи. Тоа е процес кој мора да се решава во неколку етапи“, изјави градоначалникот.

Ѓорѓиевски нагласи дека проблемот со загадувањето е присутен три децении и не може да се реши преку ноќ, но дека постои сет на мерки кои треба на долг рок да дадат резултати.

„Алтернативни горива за загревање домаќинства и она што треба следната година да го добиеме како поддршка од Владата се нови електрични автобуси и реално функционален превоз за граѓаните, за што помалку да користат автомобили“, рече тој.

Градоначалникот најави дека веќе денеска Град Скопје ќе ги објави официјалните првични насоки и мерки за постапување во денови со зголемено загадување на воздухот.