Ѓорѓиевски најави нови улици и булевари – визија за модерно и поврзано Скопје

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес-конференција најави низа инфраструктурни проекти, меѓу кои и пробивање на улицата Есенинова до населбата Шампионче, што ќе овозможи поврзување на ул. „Антон Панов“ со бул. „Борис Трајковски“.

„Скопје мора да се движи, а не да стагнира. Со овој проект ќе се подобри мобилноста и ќе се растерети сообраќајот во Кисела Вода“, изјави Ѓорѓиевски, најавувајќи дека веднаш по преземањето на функцијата ќе започне втората фаза на проектот.

Планирани инфраструктурни зафати

Ѓорѓиевски истакна дека покрај Есенинова, ќе се реализираат и други клучни проекти:

Улица Бутелска – поврзување со бул. „Христијан Тодоровски Карпош“ и обиколницата, со цел намалување на сообраќајните гужви.

Лука Геров во Ѓорче Петров – поврзување со патот за Економија и безбеден премин преку железничката пруга.

Нова улица Хиподром – Илинден – за побрз и побезбеден пристап, со економска придобивка за регионот.

„Пролетна офанзива“ – нов сообраќаен коридор што ќе ги поврзе Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода преку мост на Вардар и клучка кај Хиподром.

Веле Марков и Шарпланинска во Ѓорче Петров, како и Даме Груев во Центар – сообраќајни решенија со цел намалување на метежот и обезбедување на современи услови за граѓаните.

Реконструкции на постоечки улици

Според најавите, во план е и целосна реконструкција на повеќе запоставени улици:

„Перо Наков“ во Гази Баба, „Фрањо Клуз“ во Аеродром, „Стар качанички пат“ во Визбегово, „Улица 101“ во Волково, „Загребска“ кај Клиника Козле, како и „Бутелска“ и „Радишанска“.

Решенија за јавниот превоз

Ѓорѓиевски нагласи дека еден од приоритетите ќе биде стабилизирање на јавниот транспорт:

„Во првите денови ќе се фокусираме на ревитализација на автобускиот возен парк и издавање лиценци за сите приватни превозници. Очекуваме и 80 нови автобуси преку Владата и Министерството за транспорт“, изјави тој, додавајќи дека проектот БРТ ќе биде проширен и со делниците кон Драчево и Радишани.

Поддршка од Владата

Министерот за транспорт, Александар Николоски, изрази поддршка за најавените проекти и истакна дека Ѓорѓиевски во изминатите години ја трансформирал Општина Кисела Вода.

„Верувам дека истото ќе се случи и со Скопје. Пробивањето на улицата Есенинова ќе биде еден од првите градски проекти поддржани од Владата“, рече Николоски.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.