Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ порача дека нема да дозволи реклами на новите автобуси.
„Јас не сум за реклами на новите автобуси, особено не сум за реклами на местата кои што многу често јавноста ги критикува, а тоа се прозорите на автобусите. Прво од безбедносни причини, а потоа и од практични причини. Да сумираме, на новите автобуси нема да дозволам да има реклами“, рече тој.
Градоначалникот се осврна и на прашањето за одговорност за состојбите затекнати во градските јавни претпријатија и посочи дека надлежните институции веќе проверуваат одредени случаи.
„Финансова полиција веќе сериозно се занимава. Ние како институција, јас како градоначалник, ги отворивме вратите. Така треба да биде секогаш“, рече Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека, според него, има индиции кои треба да бидат проверени, вклучително и начинот на кој во минатото биле третирани ресурсите на јавните претпријатија.
Како пример го наведе ЈСП „Скопје“, каде што, според него, автобуси биле надвор од употреба поради ситни интервенции и поправки.
„Тоа кај мене е индикативно која била причината и тука треба институциите да проверат“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека треба да се провери и начинот на кој во минатото се користеле ресурсите на јавните претпријатија.
„Тоа не се мои ресурси, не се ниту на било кој друг, на цел народ се тие ресурси. Сите Скопјани плаќаат за ние да имаме квалитетни услуги“, нагласи градоначалникот.
Во однос на состојбите со комуналната хигиена, Ѓорѓиевски оцени дека несобирањето на отпадот од главниот град претставувало неодговорно однесување кон граѓаните.
„И тука има институции кои што работат сериозно и се занимаваат со овие прашања. Јас не сум дел од тие институции, не можам да давам детали, но верувам дека правда ќе има“, рече тој.