Градот Скопје денес спроведе обемна акција за воспоставување ред и контрола на јавните површини, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку објава на социјалните мрежи. Во координација со Градскиот инспекторат, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи, биле преземени мерки на повеќе локации во главниот град.
Според Ѓорѓиевски, целта на акцијата е „враќање на редот и достоинството на јавниот простор на целата територија на градот“. Притоа биле изречени повеќе од 20 казни за разни прекршоци.
Како дел од активностите, екипите на ЈП „Градски паркинг“ отстранувале неправилно паркирани возила на улицата „Пластичарска“, која долго време важи за една од критичните точки во градот поради метеж и узурпација на пешачките и сообраќајните површини.
По пријави од граѓани, инспекциските служби интервенирале и во забавниот парк „Зимзоленд“. Инспекторатот утврдил дека организаторите немаат добиено дозвола од Градот Скопје за вршење дејност на таа локација и дека постојат повеќе неправилности, особено во делот на изведување активности надвор од објект.
Дополнително, за дел од реквизитите и содржините кои не се опфатени со програмата на Општина Аеродром, градежниот инспектор од општината добил насоки да постапи согласно законските прописи.
„Нема отстапки и нема компромиси со хаосот. Ги отстрануваме сите појави кои го узурпираат просторот на скопјани и го нарушуваат јавниот ред“, нагласува Ѓорѓиевски. Тој додава дека градските служби ќе продолжат бескомпромисно да реагираат на секоја неправилност и секој обид за узурпација на јавните површини.
„Овој град заслужува ред, а скопјани заслужуваат достоинствено, безбедно и уредено место за живеење“, порача градоначалникот, истакнувајќи дека воспоставувањето ред во Скопје е трајна обврска на институциите.