Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кој обезбеди влез во вториот круг од локалните избори, денеска им се заблагодари на граѓаните за поддршката и довербата што му ја укажаа во првиот изборен круг.
„Резултатот е јасен – Скопје гласаше за работа, за визија, за конкретни проекти и одговорно управување. Скопје избра иднина! Ова водство не е моја лична победа, туку победа на сите граѓани кои веруваат во модерно, европско и функционално Скопје. Вашата доверба е мој најголем мотив и обврска. Покажавме дека градот заслужува и може многу повеќе. Сега следува вториот круг – првото полувреме го добивме убедливо, но натпреварот не е завршен. Победата треба да ја потврдиме и да ја направиме уште поголема,“ изјави Ѓорѓиевски на прес-конференција.
Тој истакна дека во наредните две недели ќе продолжи интензивната теренска кампања со својот тим, со цел да допре до што поголем број граѓани.
„Ќе бидеме присутни во секое маало, на секоја улица и во секој дом. Ќе разговараме со луѓето, ќе ги слушнеме нивните идеи и забелешки, затоа што Скопје треба да се гради со сите,“ додаде тој.
Ѓорѓиевски им упати порака и на граѓаните кои во првиот круг не гласале или го поддржале друг кандидат.
„Вратата на нашата коалиција е отворена. Визија ни е обединето Скопје, а не поделен град. Ги повикувам сите кои сакаат подобро Скопје да ни се придружат. Ќе разговарам со сите кандидати и политички структури кои не влегуваат во вториот круг и ќе понудам соработка, затоа што на Скопје му треба работа, не политика. Доста беше експерименти. Време е за резултати,“ порача Ѓорѓиевски, повикувајќи на масовна излезност и потврда на, како што рече, „волјата на мнозинството во вториот круг“.