Скопје годинава ќе добие новогодишна прослава и украсување како што заслужуваат граѓаните, најави вечерва градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-Во претходната програма не беа предвидени средства за предновогодишно украсување, но со ребалансот на буџетот кој ќе се усвои во петок, ќе бидат обезбедени средства за украсување на главниот град. Исто така, ќе биде организирана новогодишна прослава која ќе им овозможи на граѓаните достоинствен пречек на Новата година. Со тоа, Скопје конечно ќе биде украсено како што треба и како што заслужуваат нашите граѓани, рече Ѓорѓиевски во вечерашното гостување на МРТВ.
Во врска со повикот на јавниот обвинител Љупчо Коцевски за пријава доколку се утврдат злоупотреби во Град Скопје, Ѓорѓиевски истакна дека веќе имале средба со претставници на Финансиската полиција и дека во интерес на истрагата не може да даде дополнителни информации.
-Стојам зад сите факти што ги изнесов во јавноста. Околу 500 лица се отстранети од списоците на вработени во јавните претпријатија кои земале плата, а не присуствувале на работа, прекршувајќи го Законот за работни односи и правилата за дисциплина. Овие лица не се заменети со нови, бидејќи претходно им било дозволено да вршат злоупотреби во институциите, што доведе до состојбата во која се наоѓа Градот Скопје денес, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека сака да се воспостави и командна одговорност, која подразбира не само отстранување на лицата кои злоупотребувале плата, туку и одговорност на директорите кои тоа го одобрувале.