Ѓорѓиевски: „Скопје се дави во отпад – започнуваме акција за спас на градот“ 

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави акција за расчистување на главниот град, кој, како што вели, „се дави во отпад поради нефункционалноста на ЈП Комунална хигиена“.

„Скопјани се дават во отпад поради нефункционалноста на претпријатието, започнуваме акција за спас на градот,“ напиша Ѓорѓиевски на својот Фејсбук-профил.

Тој информира дека денеска, на иницијатива на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, бил одржан состанок со сите скопски градоначалници во рамки на ЗЕЛС, со цел да се изнајде решение за нефункционалноста на градското јавно претпријатие.

„Скопје, за жал, веќе подолг период е претворено во една голема депонија. Иако неколку пати интервениравме во изминатите години, тоа беа само привремени интервенции, бидејќи општините немаат сопствена механизација ниту ингеренции да ги празнат контејнерите,“ посочи тој.

Во изминатите неколку дена, според Ѓорѓиевски, сите градоначалници од скопскиот регион со поддршка од општествено одговорни компании се обидуваат да го амортизираат хаосот со отпадот.

„Разговараме не само за тоа како да делуваме до крајот на изборите, туку и за трајно решение за проблемот со хигиената во Скопје. Ако има потреба, ќе побараме поддршка и од колегите од други општини, за заеднички да придонесеме за расчистување на градот,“ истакна тој.

Ѓорѓиевски апелира и до раководството на депонијата „Дрисла“ да не врши опструкции при влезот на механизацијата која ќе го транспортира отпадот, потсетувајќи дека граѓаните редовно ги плаќаат сметките, но услугата не ја добиваат.

„Ќе дадеме сè од себе во наредните денови, а како што ветив – во првите 72 часа по преземањето на функцијата градоначалник, конечно ќе го исчистиме Скопје и ќе ставиме крај на оваа агонија,“ порачува Ѓорѓиевски.