Македонија

Гори дива депонија кај Стенковец, Ангелов: Ова што се случува е нехумано

Гори дива депонија кај Стенковец, Ангелов: Ова што се случува е нехумано

Нов пожар попладнево избувна во непосредна близина на спортскиот аеродром Стенковец, каде што е зафатена дива депонија. Над местото се издига густ црн чад кој, под влијание на ветерот, се движи директно кон Скопје и дополнително ја влошува загаденоста и мирисот на изгорено низ градот.

Екипите на Скопската противпожарна бригада се веќе на терен и работат на спречување на огнот да се прошири на поголема површина. Сепак, поради спецификата на теренот и запалениот отпад, локализирањето ќе оди тешко.

„Откако ќе ја ставиме под контрола надворешната линија за да го спречиме ширењето, фокусот ќе биде на самиот куп ѓубре. При гаснењето ќе се создава уште поголема пареа и црн чад, па скопјани за жал и во следниот период ќе чувствуваат силен мирис“, изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

Тој упати итен апел до граѓаните за помош во откривањето на сторителите, изразувајќи сомнеж дека голем дел од денешните десетици пожари во Скопје се намерно подметнати.

„Ова што се случува е нехумано. Не може тукутака да настануваат пожари на вакви места. Ни треба поддршка од граѓаните за да ги фатиме оние кои намерно го палат градот“, порача Ангелов.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни