Македонија

Гоцевски: Пред осамостојувањето ни се закануваа дека ќе го срамнат Собранието, рекоа дека на Скопје ќе му одржат лекција да ги памти 100 години

Гоцевски: Пред осамостојувањето ни се закануваа дека ќе го срамнат Собранието, рекоа дека на Скопје ќе му одржат лекција да ги памти 100 години

Првиот министер за одбрана Трајан Гоцевски во „Отворено студио“ на 4ТВ по повод 35 години независна Македонија истакна дека процесот на осамостојување не поминал без закани и притисоци врз тогашното државно раководство.

Тој вели дека од Белград биле упатувани предупредувања дека доколку Македонија продолжи кон отцепување без договор, македонското раководство може да биде уапсено.

Гоцевски овие пораки ги опишува како директни и сериозни закани, во период кога иднината на државата била неизвесна.

Според него, токму поради притисокот од Југославија биле преземани чекори за да се спречи евентуална воена интервенција и да се создадат услови за одржување на референдумот.

Гоцевски во интервјуто зборува и за, како што вели, една од најсериозните закани со кои се соочувало тогашното државно раководство.

Според неговото сведоштво, било упатено предупредување дека доколку не се постапи според барањата од Белград, со Военото воздухопловство ќе бидат нападнати Собранието и резиденциите на претседателот и министерот за одбрана.

„Ќе го сравнам Собранието со земја, резиденцијата на претседателот, резиденцијата на министерот за одбрана, а на Скопје ќе му одржам лекција да ме памти 100 години“, раскажува Гоцевски.

Тој вели дека и покрај заканите, македонското раководство не постапило според тие барања.

Во услови кога Македонија сè уште немала сопствена армија, еден од приоритетите бил и создавање законска основа за организирање на одбраната.

Гоцевски раскажува дека паралелно со подготовката на Законот за одбрана била зајакнувана и територијалната одбрана, која била под македонска команда.

Тој посочува дека било особено важно прво да се донесе закон, бидејќи без правна основа формирањето сопствени вооружени сили можело да биде оценето како создавање паравоени формации и да послужи како повод за интервенција на ЈНА.

Според Гоцевски, Законот за одбрана бил донесен на 14 февруари, по што продолжил процесот на подготовка за дислокација и зајакнување на армијата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни