Грабежот во Лувр можел да се спречи со само 30 секунди внимание

Двајца високи претставници задолжени за административната истрага за безбедноста во Лувр денеска во францускиот Сенат изјавија дека грабежот на драгоцен накит од 19 октомври можел да биде спречен доколку обезбедувањето навреме ги следело надзорните камери во живо.

Пред Сенатската комисија за култура, Ноел Корбен, директор на Генералниот инспекторат за културни работи, истакна дека „агентите за обезбедување, доколку погледнеле во камерите само 30 секунди порано, ќе можеле да го спречат бегството на крадците“.

Паскал Мињере од Мисијата за безбедност при Министерството за култура додаде дека надворешната камера „јасно го снимала пристигнувањето на крадците, поставувањето на нивната опрема, нивното искачување на балконот и, кратко потоа, нивното брзо заминување“.

Клучниот проблем, според истрагата, е што никој од обезбедувањето не ја следел снимката во реално време. Кога чуварот конечно ја погледнал, крадците веќе ја напуштиле Галеријата Аполо, каде што се наоѓал изложениот накит.

Сенаторот Лоран Лафон оцени дека наодите покажуваат „системски пропуст“ и кај музејот и кај надзорните институции во справувањето со безбедносните ризици пред грабежот.

Украдениот накит, вреден околу 88 милиони евра, сè уште не е пронајден. Во рамките на истрагата досега се уапсени четири лица.