Француските власти пронајдоа едно парче накит што беше украдено во денешниот грабеж во Лувр, најпосетениот музеј на светот, додека продолжува потрагата по останатиот плен и осомничените.
Министерката за култура, Рашида Дати, изјави дека грабежот траел четири минути и бил извршен од професионалци. Парчето накит веројатно им испаднало на крадците при бегството и било пронајдено надвор од музејот. Според француските медиуми, станува збор за круна од 19. век, која припаѓала на царицата Ежени, сопруга на Наполеон Трети, украсена со 1.354 дијаманти и 56 смарагди.
„Видовме некои снимки. Тие не нападнаа луѓе. Во рок од четири минути влегуваат смирено, кршат витрини, го земаат пленот и си заминуваат. Без насилство, многу професионално“, изјави Дати.
Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, рече дека тројца или четворица крадци влегле во музејот користејќи кран поставен на камион, скршиле прозорец и украле накит со историска, непроценлива вредност. Тој додаде дека е отворена истрага, водена од специјализирана полициска единица која има висок успех во решавање на вакви високопрофилни грабежи.
Грабежот се случил во 9:30 часот, половина час по отворањето на музејот, кога внатре веќе имало посетители. Музејот денеска не работел. Според „Ле Паризиен“, крадците влегле преку фасадата кон реката, користеле товарен лифт за да стигнат до салата „Аполо“, украле девет парчиња од колекцијата од 23 предмети поврзани со Наполеон и царицата Ежени и избегале со мотоцикли.
Дати посочи дека прашањето за безбедноста на музеите не е ново и дека пред две години претседателот на Лувр побарал ревизија на безбедноста. „Музеите мора да се прилагодат на новите форми на криминал. Денес тоа е организиран криминал, извршен од професионалци“, рече таа.