Град Скопје донесе одлука за разрешување на директорката на Јавното претпријатие „Лајка“, Радмила Пешева, активистка од организацијата Анима Мунди и долгогодишен борец за системско и хумано решавање на проблемот со бездомните животни. Одлуката за разрешувањето, според Анима Мунди, беше соопштена преку телефонски повик, без претходен состанок, образложение или каква било институционална комуникација.
„Во изминатиот период доставивме исцрпни документи, предлог измени на закон, хоризонтални усогласувања на институционалните надлежности, како и стратешки и акциски план за унапредување на ЈП ‘Лајка’ под мотото ‘ЗА СКОПЈЕ, ШТО СЕ ГРИЖИ’. Денешната одлука покажува дека тоа не е такво Скопје“, истакнуваат од организацијата.

Од Анима Мунди порачуваат дека начинот на кој се носат ваквите одлуки „зборува повеќе од самата одлука“. Според нив, тргањето на активисти од раководни позиции во институции кои испорачуваат резултати во услови на системска нефункционалност не е само административен потег, туку „јасна порака за насоката во која ќе се води институцијата“.
ЈП „Лајка“ во изминатиот период, според организацијата, не беше само јавно претпријатие, туку пример како се гради институција во средина каде системот за контрола на бездомните животни практично не постои. Моделот, како што се наведува, обединил повеќе од сто различни чинители – активисти, ветеринари, граѓански организации, институции, донатори и меѓународни партнери – околу заедничка цел: хуманост, здравствена заштита, безбедност на граѓаните и животните и рационално користење на јавните средства.
„Не може да се зборува за хуманост и систем ако се отстрануваат луѓето кои го граделе и ја претвориле хуманоста во функционален институционален модел. Вашата одлука претставува јасен морален и политички избор. Бараме повлекување на оваа одлука“, велат од Анима Мунди.
Активистите нагласуваат дека ќе продолжат со својата работа и дека „од Лајка нема да се повлечеме никогаш“, поради принципите, довербата и концептот што беше изграден, како и за доброто на животните.