Градот Скопје годинава го започнува процесот на креирање на буџетот за 2026 година со посебен акцент на транспарентност, отчетност и вклученост на јавноста. Целта е граѓаните, организациите и заедниците активно да придонесат во формирањето на буџетот и да ја враќаат довербата во институциите.

„Буџетот не е само финансиски документ, туку стратегија која се гради врз реалните потреби, предизвици и визија за иднината на градот“, истакнува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Во својата изјава, градоначалникот го повикува целото население, невладиниот сектор и бизнис заедницата да учествуваат во процесот: „Вашите потреби, ставови и идеи ќе бидат основата врз која ќе го градиме овој важен документ. Верувам дека со отворено партнерство ќе создадеме стабилна основа за долгорочен развој и силно, достоинствено Скопје.“
Процесот веќе доби голем број конструктивни предлози од граѓаните, но учеството останува отворено за секого кој сака да даде свој придонес.
Во новиот буџет ќе бидат опфатени и приоритетни капитални проекти, особено во делот на инфраструктурата, културата, спортските содржини и животната средина. Целта е да се олесни секојдневието на скопјани и да се подобри квалитетот на живот во градот.
Градот Скопје ја потврдува заложбата дека дијалогот со граѓаните ќе остане во центарот на сите процеси и дека секоја конструктивна идеја ќе биде земена предвид при креирањето на буџетот за 2026 година.
