Македонија

Град Скопје испраќа цистерни со вода за Гостивар, Ѓорѓиевски повика на солидарност

Град Скопје испраќа цистерни со вода за Гостивар, Ѓорѓиевски повика на солидарност

Град Скопје испраќа помош за жителите на Гостивар, каде во изминатите денови повеќе граѓани побараа медицинска помош поради стомачни тегоби, а надлежните институции сè уште ги утврдуваат причините за состојбата.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека градот веднаш реагирал и ќе испрати цистерни со питка вода за жителите на Гостивар, со цел да се обезбеди безбедно снабдување додека траат анализите и испитувањата.

„Во вакви моменти нема место за чекање – потребни се брза реакција, човечност и солидарност“, порача Ѓорѓиевски.

Тој, во својство на претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), упати апел до останатите градоначалници, согласно можностите, да помогнат и да се вклучат во поддршката за Гостивар.

„Само обединети и солидарни можеме полесно да се справиме со оваа сериозна состојба и да им дадеме сигурност на граѓаните дека не се сами“, наведе Ѓорѓиевски.

Градоначалникот изрази загриженост за состојбата и повика надлежните институции детално и транспарентно да ги утврдат причините за појавата на заболувања, а доколку се утврдат неправилности, да има одговорност.

„Град Скопје и јас како градоначалник ќе останеме со гостиварчани сè додека трае оваа состојба. Нашата помош и поддршка ќе бидат постојани, сè до нејзино целосно надминување“, порача тој.

Според Ѓорѓиевски, во тешки моменти најмногу се покажуваат човечноста и солидарноста, додавајќи дека „Гостивар не е сам“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни