Град Скопје најави нова авионска дезинсекција против возрасни комарци, која е планирана да се реализира на 30 и 31 јули, со цел да се намали бројноста на инсектите во текот на летниот период.
Од Градот информираат дека третманот ќе се спроведе само доколку временските услови бидат поволни. Во случај на дожд, силен ветер или други неповолни услови, дезинсекцијата ќе биде одложена за првиот нареден ден кога ќе има можност за безбедно изведување, а јавноста ќе биде навремено известена.
Во соопштението се наведува дека ова е продолжение на активностите за сузбивање на комарците што се реализираат во текот на целата сезона. Против ларвите досега се спроведени три авионски третмани – на 7 мај, 11 јуни и 10 јули, како и два теренски третмани на 26 јуни и 23 јули.
Во однос на возрасните комарци, претходно беа реализирани авионски дезинсекции на 1 и 2 јуни, како и на 27 и 28 јуни, додека теренските третмани беа спроведени на 18 и 20 јуни, како и на 13 и 15 јули.
Од Град Скопје апелираат граѓаните да ги следат официјалните известувања за евентуални измени на термините, доколку временските услови не дозволат третманот да се спроведе според планираниот распоред.