Град Скопје отвора прв шелтер центар за жртви на родово базирано насилство

Градот Скопје ќе обезбеди сопствен стан како шелтер центар за жртвите на родово и семејно базирано насилство, соопшти денеска градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Одлуката за доделување право на користење на станот беше донесена на денешната седница на Советот на градот Скопје. Во новиот шелтер центар, жртвите ќе добијат итен смештај, стручна поддршка, советување и помош до стабилизација на ситуацијата и пронаоѓање трајно решение.

„Ова е конкретен чекор кој го докажува сериозниот и одговорен пристап на Градот кон заштитата на најранливите“, истакна Ѓорѓиевски.

Со воспоставувањето на првиот сопствен шелтер центар, Скопје ја потврдува својата заложба за превенција, поддршка и создавање систем кој навистина штити, обезбедувајќи безбедна средина каде жените и децата можат да добијат шанса за нов почеток без страв.

Сите неопходни услови се подготвени за објавување на јавен повик за организација со докажано искуство, која ќе управува со центарот и ќе обезбеди специјализирани услуги од областа на социјалната заштита.

„Започнуваме со одговорно, транспарентно и посветено делување. За нас секоја спасена жена, секое заштитено дете и секое спречено насилство е заедничка победа – победа на човечноста“, додаде градоначалникот, благодарејќи им на советниците за поддршката.