Градот Скопје денеска информира дека Секторот за заштита на животната средина, во пресрет на зимската сезона и очекуваните периоди со зголемено аерозагадување, издал низа препораки за граѓаните со цел намалување на штетните емисии и подобрување на квалитетот на воздухот.
Од Градот апелираат до домаќинствата редовно да ги чистат оџаците и да ги одржуваат грејните уреди, како и да избегнуваат користење отпадни материјали при затоплување – меѓу кои прегорено машинско масло, обоени дрвени отпадоци, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и други синтетички материјали.
Се препорачува користење суво и чисто дрво, без примеси од земја и отпад, како и правилно користење и одржување на печките согласно упатствата од производителите. Дополнително, Градот апелира на редовен сервис на котлите, печките и клима уредите за поефикасно согорување и намалени штетни емисии.
Од Скопје најавуваат дека во наредниот период ќе има засилени инспекциски контроли на сите постројки кои поседуваат елаборати за заштита на животната средина или Б-интегрирани еколошки дозволи. Особено внимание ќе биде посветено на откривање и спречување на нелегалното согорување отпад.
Градот упатува повик до граѓаните да ги почитуваат препораките со цел заеднички да се намали загадувањето во претстојните зимски месеци.