Општина Кочани презема нови чекори против узурпацијата и бесправната градба во Трговскиот центар, откако беше избрана фирмата што ќе ги урива дивоградбите. Вршителот на должност градоначалник, Венко Крстевски, денеска поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против неколку угостителски објекти, обвинувајќи ги за узурпација на јавен простор и нелегална градба.
Според Крстевски, инспекциските контроли покажале сериозни неправилности – дел од објектите, тврди тој, наликуваат на дискотеката „Пулс“, каде во трагичен пожар загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Тој нагласи дека угостителските услуги се извршуваат во објекти без соодветна документација и дека елаборатите не ја отсликуваат реалната состојба.
„Дадов налог до инспекторката за животна средина да ги провери сите елаборати и дали соодветствуваат со фактичката состојба. Загрижува фактот што дел од угостителите го ставаат личниот профит пред безбедноста на граѓаните“, изјави Крстевски.
Прашан за улогата на другите надлежни институции, Крстевски побара објаснување и од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), како и од Државниот пазарен инспекторат, за тоа како се дозволува работа на диво поставени објекти што, според него, претставуваат потенцијална опасност за граѓаните.
Од Пазарниот инспекторат возвратија дека немаат надлежност да отстрануваат дивоградби, но потврдија дека имаат издадено платни налози за констатираните нерегуларности и редовно ја информираат Општината. АХВ, пак, соопшти дека не е надлежна ниту за HACCP елаборати, ниту за технички приклучоци како струја. Според нив, нивната улога е ограничена на регистрација на објекти за преработка на храна од неживотинско потекло, врз основа на доставена валидна документација.
Од друга страна, угостителите од Трговскиот центар во Кочани реагираат дека постапките на градоначалникот се селективни и непромислени. Потсетуваат дека во Кочани има над 700 објекти кои со години чекаат извршување на решенија за отстранување, но акцијата почнува токму со нив. Велат дека се подготвени на конструктивен дијалог, но бараат јасни насоки за тоа што е дозволено, а што не.
„Рушењето нема да биде од корист – ниту за нас, ниту за Општината, а најмалку за граѓаните. Работиме со намален промет по трагедијата, едвај опстојуваме. Ако ни се урнат објектите, тоа значи клуч на врата“, стои во нивното заедничко соопштение.
Угостителите предупредуваат дека избрзаните одлуки може дополнително да го загрозат Кочани, град кој веќе бележи пад по трагедијата со дискотеката „Пулс“. Во меѓувреме, Јавното обвинителство потврди дека утре ќе одржи средба со родителите на загинатите, на која ќе биде презентирано обвинението за случајот.