Македонија

Градоначалникот на Карпош објави дека повторно ги презема работните обврски: „Вистинската сила е да најдеш начин повторно да станеш“

Градоначалникот на Карпош објави дека повторно ги презема работните обврски: „Вистинската сила е да најдеш начин повторно да станеш“

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, објави дека повторно се враќа на своето работно место по периодот во кој се соочувал со здравствен предизвик.

Во објава на социјалните мрежи, Лукровски напиша дека изминатиот период бил големо искушение за него, но дека искуството му покажало дека вистинската сила не е во тоа никогаш да не се падне, туку да се најде сила повторно да се продолжи.

„Денес, со голема благодарност и искрена радост, повторно се враќам на своето работно место. Ова враќање за мене не претставува само продолжување на професионалните обврски, туку и лична победа над здравствените предизвици со кои се соочив“, напиша Лукровски.

Тој упати благодарност до заменик-градоначалникот, тимот во Општина Карпош, вработените, советниците, како и до семејството, пријателите, лекарите и сите граѓани кои му дале поддршка во периодот на закрепнување.

Лукровски посебно му се заблагодари и на премиерот Христијан Мицкоски за, како што наведе, човечноста, поддршката и помошта во неговата борба.

Во објавата градоначалникот ги демантираше и шпекулациите поврзани со неговото отсуство, обвинувајќи одредени поединци и политички партии дека се обиделе да соберат политички поени на сметка на неговата здравствена состојба.

„Само оние кои недоволно ме познаваат може да поверуваат дека сум се откажал“, порача Лукровски.

Тој додаде дека се враќа со нова енергија и со посветеност да продолжи со работата во интерес на граѓаните и развојот на Општина Карпош.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни