Границите блокирани: Превозниците бараат итно решение од Европската комисија

Протестот на транспортните компании од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија продолжува и денес, со блокирање на граничните терминали за товарен сообраќај кон земјите на Европската Унија. Превозниците, кои настапуваат заеднички преку своите здруженија, очекуваат Европската комисија да понуди решение за проблемот со ограничувањето на престојот на возачите во Шенген-зоната на 90 дена во период од шест месеци.

Причина за протестите е примената на електронскиот систем за евиденција на влез и излез (Exit Entry System – EES), кој Европската комисија го воведе во октомври 2025 година. Со овој систем се воведе построга контрола на престојот на професионалните возачи во 29 земји од ЕУ и Шенген-зоната, што, според превозниците, значително им го намалува ефективното работно време. Од 26 јануари, ваквата состојба резултираше со блокади на сите гранични товарни премини меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ.

Од Европската комисија вчера соопштија дека денес ќе биде објавена работна верзија на новата визна стратегија на Унијата. Таа треба да понуди системско решение за професионалните возачи од земјите надвор од Шенген-зоната, преку воведување специјални визи, имајќи предвид дека земјите-членки трпат штета поради отежнатата испорака на стоки од Западен Балкан.

Транспортните компании претходно најавија дека протестите нема да престанат сè додека не се најде конкретно решение, особено откако во изминатите денови дел од возачите беа казнети за надминување на дозволениот престој во европските земји.

Дополнителен проблем, како што посочуваат превозниците, е недостигот од професионални возачи на европскиот пазар, поради што компаниите не можат лесно да обезбедат замена, ниту финансиски да го издржат периодот во кој дел од возачите мора да чекаат на новата дозволена квота за престој во земјите од Шенген-зоната.