Кајакарот Адријан Симанкас преживеал напад на грбав кит во Магелановиот проток, кој го проголтал заедно со неговиот кајак, а потоа го исплукал, пишува денеска Скај Њуз.
Симанкас бил на брегот на Чиле, во друштво на својот татко кој бил во друг кајак, кога на површина излегол грбав кит и го проголтал заедно со кајакот, а инцидентот го снимил неговиот татко на камера.
-Мислев дека сум мртов. Мислев дека ме изеде, дека ме проголта, изјави Симанкас.
Китот по неколку секунди го исфрлил од устата Симанкас (24) заедно со неговиот кајак, што го сними и камерата на неговиот татко.
Тој рече дека и откако китот го исплукал, сепак бил загрижен дека може да умре во ледените води.
– Кога почнав да пловам, се плашев да не му се случи нешто на татко ми, да не стигнеме навреме до брегот или да добијам хипотермија, изјави Симанкас.
Таткото и синот по инцидентот успеале безбедно да стигнат до брегот.
Протокот Магелан е главната туристичка атракција во Патагонија, на околу 3.000 километри од главниот град на Чиле, Сантијаго.