Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) соопшти дека во периодот од 13 до 17 октомври ќе има прекин во испораката на природен гас кон потрошувачите во земјава.
Причината, како што информираат од Комисијата, се ремонтни активности на регионалните системи за транспорт на гас, како и на гасоводот „Турски тек“.
„Сигурноста во снабдувањето е наш примарен интерес. Законската регулатива овозможува, во услови на прекин на испорака, операторот со природен гас НОМАГАС навреме да ја наполни цевката и да ја распределува количината во критичните денови за корисниците кои користат топлинска енергија“, стои во соопштението на РКЕ.
Од Регулаторната комисија потсетуваат дека грејната сезона може да започне и пред 15 октомври, односно од 1 октомври, доколку за наредниот ден е прогнозирана температура еднаква или пониска од 12 степени Целзиусови.
Со оглед на најавите за студен и влажен бран, можно е радијаторите на скопјани да се затоплат веќе во петок.