Поранешниот премиер Никола Груевски во интервју за „Република“, рече дека е сигурен дека за сите предмети ќе добие максимална казна. Истакна дека дури и во случај сите други обвинети за некој случај да ги ослободат, него ќе го осудат на максимална казна затвор.
На прашање дали сметал дека и него ќе му се случело истото „сценарио“ како Јанакиески и Ристовски во затвор, тој одговори потврдно.
„Не сметам, туку знам. Но, многу повеќе од ова што ги снајде поранешните министри. Власта врши политички прогон преку обвинителствата, судовите и во затворите и притворите. Не бираат средства.
Еве ќе видете сега кога ќе завршат рочиштата. Во сите предмети ќе ме осудат со максимална затворска казна иако во ниту еден предмет нема ниту кривично дело, а како резултат на тоа ниту елементарен законски доказ. Ова не го претпоставувам, туку имам информација од извори од внатре. Дури и сите други обвинети во некој предмет да ги ослободат, мене ќе ме осудат со максимална казна затвор. Така е договорено. Барем засега.“, изјави Груевски кој ја искоментира и изјавата од затворот во Шутка по повод претепувањето на Ристовски и Јанакиески.
„Иако на прв поглед се чини дека целта беше да ги претепаат, сепак морам да истакнам дека загрижува делот од соопштението на затворот „Скопје“, во кое се вели дека ако немало „брза интервенцијата на чуварите“, инцидентот ќе завршел со многу потрагични последици. Што е потрагично од претепување и завршување во болница? Се знае: убиство. “, рече Груевски.