Никола Груевски кој е во бегство ги брифира унгарските власти за политиките на Западен Балкан. Ова го призна и самиот министер за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
„Ако некој што бил премиер во овој регион десет години, претпоставувам дека има многу добри сознанија и разбирања за регионот. Јас не сум овластен да објавам никакви делови од нашите дискусии. Можам да кажам дека вашиот поранешен премиер исто така многу се залага за вашето пристапување кон ЕУ“, изјави Петер Сијарто – МНР на Унгарија.
На прашањето дали Груевски веќе станал унгарски шпион, унгарскиот дипломат најпрво се насмевна, а потоа додаде:
„Присуството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија го гледам како правно прашање и тоа нема никаква врска со надворешната политика на нашата земја. Денес стојам пред вас и ја докажувам нашата целосна поддршка за вашето членство во ЕУ“, додава Сијарто.
Од македонското Министерство за правда потврдуваат дека во Будимпешта пристигнало второ барање за екстрадиција на екс премиерот Груевски, веќе осомничен како еден од организаторите за 27 април. Сијатро не открива какви чекори ќе се преземат во врска со ова барање, бидејќи како што рече, одлуката ја носи судот, а владата не може да се меша.
И вицепремиерот Османи рече дека прашањето за Груевски е правно прашање и дека не дозволиле истото да ги наруши добрите политички односи меѓу Македонија и Унгарија.
Потсетуваме дека на последните парламентарни избори, Сијатро беше поканет на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, каде кажуваше пофалби за Груевски и екс министерот за надворешни работи, Никола Поповски.
„Затоа со право можеме да се гордееме со него“, додава Сијарто.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ