Бројот на загинати во израелскиот напад рано утринава врз петкатница на северот на Газа, каде што се засолниле раселените Палестинци, се искачи на 93, соопшти цивилната заштита на Газа, каде што на власт е палестинскиот Хамас.
Претходно, Министерството за здравство во Газа соопшти дека бројот на жртвите е 60, додавајќи дека половина од жртвите се жени и деца.
Во нападот на резиденцијата на семејството Абунаср во северниот град Беит Лахија, загинаа 93 лица, а околу 40 лица се уште се водат за исчезнати под урнатините, изјави за АФП Махмуд Басал, портпарол на цивилната заштита.
Службите за итни случаи на Министерството за здравство во Газа претходно известија дека меѓу загинатите има најмалку 12 жени и 20 деца, меѓу кои има и бебиња.
Меѓу загинатите има мајка со пет деца, од кои некои се возрасни и уште една мајка со шесте деца, според прелиминарниот список на жртви што го обезбедиле овие служби.
Засега нема реакција од израелската армија, која повеќе од три недели спроведува операција во северниот дел на Газа, чија цел е, како што вели, „џебовите на милитантите на Хамас кои се прегрупирани таму“, пренесува агенцијата АП.
Д-р Хосам Абу Сафија, директор на блиската болница Камал Адван, рече дека болницата била преплавена од бранот ранети кои пристигнале по нападот. Израелските сили извршија напад врз таа болница во текот на викендот, при што беа приведени десетици лекари и медицински персонал.
Израелската армија во последниве месеци постојано ги гаѓаше засолништата на раселените лица, тврдејќи дека изведува прецизни напади насочени кон палестинските милитанти и се обидува да не им наштети на цивилите. Меѓутоа, во овие напади често се убиени жени и деца, наведува агенцијата АП.
„Здравствениот систем е во целосен колапс“, изјави денеска Абу Сафија во гласовна порака до новинарите. Тој рече дека ранетите кои пристигнуваат умираат бидејќи не можат да бидат згрижени.
Израелската војска соопшти дека привела десетици милитанти на Хамас во нападот на болницата Камал Адван, последен во серијата напади врз болници од почетокот на војната.
И додека вниманието на јавноста беше свртено кон Либан и Иран во последните неколку недели, Израел продолжи да спроведува голема операција на северот на Газа и воздушни напади низ палестинската територија.
Во последната израелска операција во северниот дел на Газа, чија цел беше бегалскиот камп Џабалија, стотици луѓе беа убиени, а десетици илјади беа принудени да ги напуштат своите домови во уште еден бран на масовно раселување во војната што трае повеќе од една година.