Повеќе од шест недели откако беше прогласен за нов врховен лидер по атентатот врз неговиот татко, Иранците сѐ уште ниту го виделе ниту го слушнале Моџтаба Хамнеи. Во услови на конфликт што се смета за егзистенцијална закана за режимот кој владее со земјата речиси половина век, неговото отсуство е забележливо. Наместо тоа, изјавите што му се припишуваат на 56-годишниот клерик се читаат на националната телевизија или се објавуваат на социјалните мрежи.
Режимот дури користел и видеа генерирани со вештачка интелигенција за да го прикаже Хамнеи како испраќа пораки, што поттикна шпекулации дека новиот врховен лидер е онеспособен или се наоѓа во странство.
Ова е во целосна спротивност со неговиот татко, покојниот ајатолах Али Хамнеи, кој со децении беше видливо лице на иранското одлучување, при што ретко поминуваше недела без негов говор или јавна интервенција.
Кој навистина носи одлуки?
Еден извор минатиот месец изјавил дека Хамнеи претрпел повреди за време на нападите во кои биле убиени неговиот татко и високи воени команданти.
Според извештај на Ројтерс, тој учествува на состаноци со високи функционери преку аудио-конференции и е вклучен во одлучувањето за клучни прашања, вклучително и војната и преговорите со Вашингтон.
Сепак, се поставуваат прашања дали навистина тој ги носи клучните одлуки или улогата на врховниот лидер е само формална.
Али Ваез од Меѓународната кризна група оценува дека „Моџтаба не е во состојба да носи клучни одлуки или да управува со преговорите“, туку системот го користи за формално одобрување на генерални одлуки.
„Системот намерно ја нагласува неговата улога за да обезбеди заштита од внатрешни критики“, додава тој.
Притисоци однадвор и одвнатре
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран минува низ промена на режимот и дека новите преговарачи се „разумни“.
Но, поради нетранспарентниот политички систем во Иран, тешко е да се утврди кој има вистинска моќ.
Во меѓувреме, некои ирански функционери, како претседателот на парламентот Мохамад Багер Галибаф и министерот за надворешни работи Абас Арагчи, преземаат поактивна улога во преговорите со САД.
Борба за опстанок
Иран се соочува со сложена ситуација – од една страна води преговори за опстанок на режимот, а од друга страна мора да се справи со домашниот притисок од тврдокорните поддржувачи.
„Мора да одат по тенка линија, балансирајќи меѓу внатрешните и надворешните притисоци“, изјави аналитичарот Хамидреза Азизи.
Отсуството на врховниот лидер создава дополнителна неизвесност, па дури и поддржувачите на режимот се збунети околу тоа кој ги носи одлуките.
Критиките во медиумите дополнително ги засилија сомнежите за можни внатрешни поделби, особено по изјавите на Арагчи и претседателот Масуд Пезешкијан.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека режимот сѐ уште не е надвор од опасност.
„Ова е борба за опстанок и во секој момент може да се врати во војна“, оценува Ваез.
Во такви околности, отсуството на лидерот кој делува од сенка може да служи како заштитен механизам за политичарите во Иран, бидејќи им овозможува да избегнат директна одговорност за одлуките.
