Продолжениот викенд полека завршува, а со тоа започна и зголемениот сообраќаен метеж на граничните премини меѓу Грција и Македонија. Илјадници туристи од попладневните часови се враќаат кон дома, што доведе до значителни застои и долги колони возила.
Според информации и сведоштва на патници објавени на социјалните мрежи, најголеми гужви се регистрираат на преминот Евзони/Богородица, каде чекањето достигнува и до три часа. Колоните возила се протегаат со километри, а сообраќајот се одвива многу бавно.
Како една од причините за застојот се наведува и примената на новиот европски систем за влез и излез (EES), кој воведува дополнителни проверки и биометриска регистрација на патниците, што го забавува граничниот проток.
Покрај Евзони/Богородица, гужви има и на граничниот премин Дојран, каде чекањето е околу еден час. Таму, покрај македонските туристи, традиционално значително присуство имаат и српските патници, кои секоја година во голем број ја користат оваа рута за летување во Грција.
Дополнително, голем метеж е забележан и на граничниот премин Блаце, каде се создаваат долги колони возила во двата правци. Според патници, чекањето таму исто така трае подолго од вообичаено, поради зголемениот број патувања за време на празничниот викенд.
Очекувањата се дека метежот ќе продолжи и во наредните часови, додека трае враќањето на туристите по завршувањето на продолжениот викенд.
