Се верува дека татко ги убил своите три сина пред да си го одземе животот, откако сите биле пронајдени мртви во куќа во „тивко маало“.
Пјотр Свидерски, за кој се верува дека е полски државјанин, неговите синови близнаци и нивниот брат – сите помлади од четири години, биле пронајдени од тимот на Итна помош во саботата во 13 часот.
Полицијата потврди дека ужасниот инцидент во станбена улица во Стејнс, Сари, е изолиран инцидент и не веруваат дека некој друг бил вмешан.
Мајката и најблиските роднини се во шок и се згрижени од медицински лица.
Многумина оставиле цвеќиња потпрени на ѕидот на имотот, а соседите ги опишале трите момчиња како „ангели“, пишува „Дејли мејл“.
Зборувајќи за Пјотр, соседот Мајк Кресвел (68) изјави за Сан: „Тој изгледаше како убаво момче, но не можеше да разговараш со него бидејќи тој секогаш беше под стрес.
„Тие беа прекрасно семејство. Децата беа сакани и негувани“.
Еден жител, кој побара да остане анонимен, рече: „Тука никогаш нема никакви проблеми. Ништо не укажуваше на тоа дека вакво нешто ќе се случи – нема тепачки, без врева, ништо“.
Друг сосед рече: „Тие беа совршено семејство, прекрасни деца. Тој беше убав човек, а неговата сопруга беше навистина фина. Никој на улица не знае зошто се случи ова, не можеме да веруваме – тоа е ужасно“.
Соседот Шехр Сикандари претходно изјави дека ги слушнал „страшните врисоци“ на жената непосредно пред да дојде полицијата на местото на настанот.
„Она што го слушнавме е неверојатно и трауматично. Сè уште сме во шок. Три прекрасни деца – ги видовме како си играат. Тоа е прекрасно семејство. Непосредно пред да дојде полицијата, слушнавме силни врисоци. Не слушнавме ништо пред тоа. Мислевме дека не се дома – можеби некаде надвор… По 12 часот слушнавме врисоци, а потоа дојде полиција. Жената врескаше. Беа страшни крици и сите излегоа да видат што се случува“, вели соседот.