Хорор во Турција: Над 60 загинати поради консумирање „лажна ракија“

Бројот на починати по консумирање „лажна ракија“ во Анкара се искачи на 63, а 36 лица во моментов се на интензивна нега во болницата, пишува денеска турскиот весник Хаберлер.

Продолжува истрагата на обвинителството за алкохолни пијалаци произведени во дестилерии без лиценца. Врховното јавно обвинителство во Анкара отвори истрага и досега се уапсени 30 лица.

Во досиејата на осомничените за шверц на алкохол и „предизвикување смрт со можна умисла“ се додадени и токсиколошки извештаи од Институтот за судска медицина.

Како што пишува порталот Милиџет, поради смртта на голем број луѓе кои биле отруени од лажна ракија, експертите уште еднаш укажале на штетноста на метил алкохолот кој се користи во производството на фалсификуван алкохол. Метил алкохолот може да предизвика низа трајни, сериозни здравствени проблеми, па дури и да доведе до смрт, предупредуваат лекарите.

Специјалистот за итна медицина Јунус Емре Ердоган истакна дека труењето со алкохол може сериозно да го загрози здравјето и животот.

„Наместо етил алкохол, во овие пијалаци се користи метил алкохол (метанол), поевтина и подостапна супстанција. Метанолот во суштина е индустриски растворувач и гориво. Тој е исклучително токсичен за човечкото тело“, рече тој.

Тој истакна дека метанолот ги преоптоварува бубрезите и црниот дроб, може да го оштети централниот нервен систем, да предизвика парализа, слепило, да го запре срцето и да предизвика трајно оштетување на мозокот. Тој додаде дека фалсификуваниот алкохол може да содржи и разни хемикалии, бои, есенции и адитиви.

„Секоја од овие супстанци може да претставува различен ризик по здравјето, најопасно е труењето со метанол. Кога дестилацијата не се прави правилно, не пиете само етил алкохол, туку и отровен метил алкохол“, објасни д-р Ердоган.

Турските медиуми потсетуваат дека во Истанбул во изминатите два месеци бројот на починати од труење со фалсификуван алкохол е 30 и дека овој проблем станува „вистински кошмар“ во Турција.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното