Хотел во центарот на Истанбул целосно евакуиран по смрт на три лица

Хотел во центарот на Истанбул беше целосно евакуиран по трагичен случај во кој три лица од турско-германско семејство починаа, а причината се истражува како можно труење со пестициди, пренесуваат турските медиуми.

Семејството, Турци кои живеат во Германија, почувствувало нагло влошување на здравствената состојба во средата, по јадење во ресторан во истанбулскиот кварт Ортакој, на брегот на Босфорот.

Иако првичните сомневања биле дека се работи за труење со храна, истрагата добила поинаков тек. По хоспитализацијата, починале двете деца на возраст од три и шест години, а во петок починала и мајката, соопшти турското Министерство за правда. Таткото, според медиумските извештаи, се наоѓа во тешка состојба.

Ресторанот каде што јадело семејството веднаш бил затворен, но понатамошната истрага открила дека пестициди биле употребени во просторија на приземјето од хотелот каде што биле сместени туристите. Истражителите не ја исклучуваат можноста токсичните материи да се прошириле во околните соби.

Двајца други гости од истиот хотел исто така биле хоспитализирани со симптоми на труење.

Полицијата уапсила седум лица, меѓу кои хотелски работник и лица ангажирани за дератизација. Четворица од нив биле приведени уште порано, во рамки на проширената истрага.

Сите гости биле евакуирани и сместени на друга локација. Засега не е објавено колку туристи можеле да бидат погодени од инцидентот.