Седумгодишниот велешанец наизуст ги знае сите 45 претседатели на САД, обожава астрономија и сака да работи во НАСА
Христијан Арсов има седум години, учи во трето одделение во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Велес, има развиена логика нетипична за своите врсници, коефициент на интелигенција 145! Буквите и бројките кои за неговите врсници знаат да бидат проблем, за него се „веќе видена работа“. Лани тој беше прваче само еден месец, кога педагошката служба во училиштето утврди дека местото му е во погорните одделенија.
Психологот на училиштето, Соња Ристовска, со радост ни раскажа за него, за неговиот развој и за предизвиците пред кои се исправени Христијан, неговите родители и наставниците.
Христијан не е од оние деца што ги интересира само една работа. Математиката ја сака најмногу, ја сака астрономијата, природните науки.
Почнал да чита на нецели две години. Денес веќе множи двоцифрен со троцифрен број без да запишува.
Со неговата мајка Борка Југова-Арсов ги поканивме во нашите простории и го имавме најубавиот работен ден што некој може да си го замисли. На Христијан му годеше вниманието и сакаше да ни покаже што сè знае и умее.
– Уште на година и нешто Кико покажуваше знаци дека е различен. Почна да чита на една година и 10 месеци. Не можеше убаво да ги изговори зборовите, ама ги поврзуваше по слогови. Прво ги научи латиничните букви, се шеташе насекаде со тетратка и молив и со баба си главно пишуваше букви. Уште на две години ни ги знаеше напамет телефонските броеви и датумите на раѓање. На четири години ни се обратија од друго основно училиште („Васил Главинов“) за тој да учи таму. Оттаму предложија да тргне порано на училиште (на нецели пет години), ама не ни одобрија од Министерството за образование. Но, тоа училиште ни е подалеку и затоа се решивме за „Св. Кирил и Методиј“. Имаме одлична соработка со кадарот во училиштето, сите се трудат, ама за Христијан се чини дека е премалку – вели мајката на Христијан.
Не им е лесно ниту на родителите на надарените деца, со оглед на тоа дека во нашиот образовен систем и немаме преголемо искуство со такви деца. Родителите на Христијан се трудат да му овозможат колку што е можно подобро образование.
– Секаде каде што ќе слушнеме дека може да ни биде од корист, го носиме. Од пред точно една година Христијан оди во Детскиот едукативен центар во СЕМОС, каде што веќе посети неколку курсеви. Сега е на курсот за html, кој се воведува по 12 години, но нему му дозволија да го учи. Размислуваме многу како да му помогнеме, кој е најдобриот начин. Размислуваме да го продолжи образованието и надвор од Македонија, но ни требаат вистински насоки. Сакаме да добие образование какво што заслужува за да може да напредува. И трето одделение не му е доволно во моментов. Тие учат латиница, а тој ја знае од две години. Него го интересира наука – објаснува Југова-Арсов.
Целиот текст прочитајте го ТУКА.



