Значителното зголемување на платите и подобрената финансиска состојба на лекарите во хрватските болници носи позитивни промени во здравствениот систем. Според податоците од Хрватската лекарска комора, моментално во земјата има околу 16.800 лекари.
Од 2013 година, кога Хрватска стана членка на ЕУ, околу 1.500 лекари заминале на работа во странство. Сепак, во изминатите две години бројот на оние што ја напуштаат земјата се намалува, а расте бројот на лекари кои се враќаат.
Оваа година, за првпат од влегувањето во ЕУ, повеќе лекари се вратиле отколку што заминале. До 21 септември, 39 лекари ја напуштиле земјата, додека 49 се вратиле назад. Промена на трендот беше забележлива и минатата година, кога 98 лекари заминаа, а 68 се вратија – највисока бројка во последната деценија, пишува „Даница“.
Податоците на Министерството за здравство покажуваат дека просечната нето плата на лекарите специјалисти во болниците изнесува меѓу 2.500 и 3.000 евра, без додатоци за дежурства, стажирање или работа за време на викенди и празници. Во големите општи болници, просекот е околу 3.000 евра, а со неколку дежурства платата може да достигне и до 4.500 евра.
Во ретки случаи, со зголемен ангажман и работа за време на празници, приходите достигнуваат до 9.000 евра. Дополнително, многу лекари работат и во приватни клиники, со што ја зголемуваат својата заработка за уште 2.000 до 3.000 евра месечно.