Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека е постигнат голем напредок во врска со Украина, истакнувајќи дека се водат интензивни разговори со Москва и Киев и дека разговорите се одвиваат добро.
„Русија и Украина ќе се согласат за прекин на огнот, а другите земји вклучени во процесот ќе го надгледуваат прекинот на огнот“, изјави Трамп, коментирајќи ги преговорите што во Саудиска Арабија ги водеа делегациите на САД и Русија, пренесува „Ројтерс“.
Тој додаде дека ќе ги проучи сите услови за Договорот за Црното Море, околу кој делегациите на САД и Русија постигнале согласност за време на вчерашниот состанок во Саудиска Арабија, додавајќи дека „ќе обрне внимание на руските барања за укинување на санкциите“.
Говорејќи за „аферата Сигнал“, во која највисоки претставници на администрацијата на САД по грешка вклучиле новинар во шифрирана соба за разговор на платформата Сигнал, која ја користеле за дискусии за претстојниот напад на САД врз јеменските Хути, Трамп изјави дека во таа комуникација немало доверливи податоци.
Тој ги пофали официјалните лица кои биле во таа соба за разговор, истовремено критикувајќи го новинарот Џефри Голдберг, кој ненамерно бил вклучен во групата.
„Ништо не се случи во таа соба за разговор. Ќе провериме како точно се користи Сигнал. Тоа беше најдобрата технологија во тој момент“, изјави Трамп.
Претседателката на компанијата Сигнал, Мередит Витакер, претходно денеска изјави дека апликацијата Сигнал претставува „златен стандард во приватните комуникации“, нагласувајќи ги безбедносните предности на Сигнал во однос на апликацијата WhatsApp, која е во сопственост на компанијата Мета.