Поради прогласувањето на епидемија од морбили од министерот за здравство, Венко Филипче, децата кои не се вакцинирани со МРП имаат забрана да одат во градинка.
Институтот за јавно здравје, на секој влез на градинките објави писмена одлука на која се вели:
- Да се забрани згрижување во Установата на деца кои не се имунизирани со вакцина против морбили, рубеола и паротит (МРП) согласно задолжителниот календар за имунизација;
- Да се определи лице кое ќе изврши проверка на вакциналниот статус во досието на згрижените деца и да се изготви список на неимунизирани деца со МРП;
- Да се спроведува континуирано темелно механичко чистење и дезинфекција на објектот;
- Да се врши проветрување на работните простории;
- Да се врши тријажа при прием, односно да не се примат деца со симптоми на инфективно заболување;
- Да се следи здравствената состојба на децата и за секое зголемено отсуство да го информира ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје.
И од Министерството за труд и социјална политика велат дека треба да се почитуваат одлуките на Министерството за здравство и на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Како што велат од таму, овие мерки се преземени со цел да се заштитат децата. Тие исто така ги известуваат родителите дека казните за невакцинирање на децата се движат од 350 до 650 евра.
Се поставува прашањето – Зошто само на не вакцинираните деца им се забранува да одат во градинка, кога од морбили се заболуваат и вакцинирани деца. Ова ни го објасни лекарот, Селадин Мехмеди, кој вели дека постои таква можност, но полесно поминува болеста.
„Постои можност од морбили да заболат и вакцинирани деца, но веројатноста е многу мала. Сепак се знае дека ќе ја надминат таа состојба или таа болест на многу полесен начин за разлика од тие деца кои не се вакцинирани. До сега најголемиот број на заболените деца не беа вакцинирани со вакцината МРП“, вели Селадин Мехмеди – лекар.
Податоците кои доаѓаат од Одделот за инфектологија, велат дека евидентираните пациенти се наоѓаат во стабилна состојба. Алармот за епидемија од морбили, предизвика, само денеска да се вакцинираат 317 деца.
„Информираме дека до 14 часот во поликлиниките во територијата на Град Скопје, се вакцинирани вкупно 317 деца. Состојбата на пациентите, кои се заболени од морбили е стабилна, во моментов се утврдува клиничката и лабораториска слика за уште едно дете, за кое лекарите се сомневаат дека има мали сипаници (морбили)“, велат од министерството за здравство.
Министерството за здравство уште еднаш апелира до сите родители, да ги вакцинираат нивните деца што поскоро со МРП вакцина.
