На сцената на манифестацијата Златна Бубамара на популарноста годинава наместо вообичаената доза хумор и сатира, доминираа тишина, емоции и силни пораки. Актерот и шоумен Игор Џамбазов со рецитал на поемата „Крвава бајка“ од Десанка Максимовиќ им оддаде почит на 63-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март минатата година.
Додека на видеобимот стоеше насловот „Македонска крвава бајка“, Џамбазов упати остри зборови за, како што рече, „новиот фашизам нахранет со алчност, корупција и незнаење“, прашувајќи: „Кој ги уби тие деца?“ Во своето обраќање потсети и на стиховите од Славко Јаневски, кои ги рецитирал на истата сцена пред неколку години, алудирајќи на потребата општеството да учи од трагедиите.
Повикувајќи се на масакрот во Крагуевац во 1941 година, тој го спомена и симболичниот чин на наставникот кој пред стрелачкиот вод изговорил: „Пукајте, јас и сега држам час“, прашувајќи зошто кај нас не се нашол некој да застане во одбрана на децата.
Џамбазов оцени дека ова е можеби најтажното издание на манифестацијата досега. Во традиционалниот сегмент посветен на починатите јавни личности, годинава беа прикажани и фотографии од загинатите членови на групата ДНК, кои животот го загубија во пожарот. Меѓу нив беше и тонецот Игор Велков, дел од тимот на настанот.
Со особена емоција се осврна и на професорката по пијано и придружен вокал Сара Пројковска, истакнувајќи дека „десет години му го чувала грбот“ на сцената.
Инаку, манифестацијата се одржа по 29-ти пат. Меѓу гостите беа легендарната британска група Delegation и американската соул-пејачка Martha High, кои добија награди за животно дело. На сцената настапија и бројни домашни изведувачи, меѓу кои Владо Јаневски, Калиопи, Слаткаристика, Тони Зен и Владимир Четкар.
