Во текот на 44-тата недела од сезоната 2025/2026, во државата се пријавени 94 случаи на заболувања со симптоми слични на грип. Иако бројот бележи зголемување во однос на претходната недела, активноста на вирусот сè уште се наоѓа под сезонскиот праг. Најмногу заболени се регистрирани во Гостивар и Куманово, додека досега не се потврдени случаи на вирус на грип ниту смртни исходи.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) истакнува дека вакцинацијата против сезонски грип е во тек, а досега се вакцинирани над 53.000 лица. Апелот до граѓаните особено се однесува на постарите лица, хронично болните и бремените жени да се вакцинираат во најблискиот Центар за јавно здравје, Здравствен дом или во Институтот за јавно здравје.
ИЈЗ издаде и препораки за заштита од грип:
Често миење и дезинфекција на рацете.
Избегнување контакт со болни лица и места со големи групи луѓе.
Редовно проветрување на просториите.
Консумирање свежо овошје и зеленчук, внес на течности и одмор.
Останување дома и консултација со лекар доколку се појават симптоми или состојбата се влоши.
Институтот за јавно здравје апелира на одговорно однесување и строго почитување на препораките за заштита од сезонски грип.