„Или сите, или ниту еден“, пропадна средбата помеѓу студентите и ректоратот

Пропадна средбата меѓу студентите на Тетовскиот универзитет и проректорот, Арбр Челику. Двете страни се согласија синоќа во емисијата Клик Плус, да седнат и да ги разгледаат барањата.

Но, Челику постави услови. Побара средбата да се одвива без присуство на медиумите и да не учествуваат сите студенти, туку само претставници на факултетите.

Се вчитува...

Челику: Земете претставници и дојдете на средба, толку можам да ви кажам. Ви благодарам.

Студентка: Ги погазувате своите зборови, синоќа рековте дека сите може да дојдат

Студент: Нека бидат 7-10 претставници, другите да бидеме сведоци

Челику: Не сме суд

Студентите со став или сите, или ниту еден. Порача дека во протестите не е вмешана ниту една политичка партија. Воедно ги повторија барањата обвинувајќи дека ректоратот не се грижи за нив.

„Синоќа сите бевме сведоци на тоа што го вети Челику пред јавноста. Тој рече дека сите студенти кои протестираат да ги земат индексите и да дојдат на разговор. И тоа што рече да дојдат само 7 или 8 студенти е удар врз студентите за нивна поделба“, вели еден студент.

„Нивна цел беше да ги ослабат протестите. Првиот ден, вториот ден веќе почнаа да слабеат, а третиот ден ветија дека ќе ги примат студентите со нивните барања предвидени од претходно. Меѓутоа го одвлекоа вниманието од барањата и ги ослабеа протестите“, додава друг студент.

По еден час чекање во холот на ректоратот, проекторот уште еднаш дојде за да ги убеди студентите да се сретнат само со претставниците на универзитетските оддели.

„Одговорив и синоќа во емисијата и денеска. Ние сме ректорат, значи, формирајте координативен совет, нека дојдат 13 претставници, нека дебатираат за конкретни проблеми, за тоа што ги мачи, и овие барања да ги третираме директно како Управа со координативниот совет“, вели Арбр Челику – проректор на тетовскиот универзитет.

Но, студентите останаа на нивните барања, дека сакаат отворена дебата пред медиумите. Откако не успеа обидот за средба во ректоратот, сега тие се враќаат на поставениот ултиматум. Доколку за седум дена не бидат прифатени нивните барања, тие повторно ќе излезат на улица.

РЕПОРТЕР: САЛИЈЕ САДИКУ

Извор: ТВ21