Илиеска за најавите на Мицкоски: „Распуштањето на судските институции е директно мешање во судството“

Најавите на премиерот Христијан Мицкоски за целосно распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители е директно мешање во судството. Ова го изјави новоименуваната членка на Советот на јавни обвинители Марјана Илиеска која денеска во Собранието даде свечена изјава. Илиевска додава дека сепак во судството потребни се коренити реформи.

„Сметам дека само со длабоки реформи во овие две институции би можеле да се надминат овие состојби бидејќи најавата за самото распуштање мислам дека значи и мешање во независноста на судството и јавнообвинителската функција. Само со подлабоки коренити промени во оваа институција би можело да се постигнат целите и да се подигне довербата на граѓаните“, вели Илиеска.

Илиеска на денешната свечена изјава дадена пред претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека функцијата член на Советот ќе ја извршува чесно и одговорно. Таа се обврза и дека ќе работи посветено за враќање на довербата на граѓаните.

„Како член на Советот на јавни обвинители ќе настојувам да се подобрат ваквата перцепција кај граѓаните и во јавноста и мислам дека со севкупна заложба на сите членови ќе придонесеме да се намали таквата перцепција кај граѓаните се со цел да придонесеме кон намалување на корупцијата“, рече Илиеска.

Инаку, Советот на јавни обвинители останува без еден член Иџет Мемети, кој по скандалот со вмешаност во корупција се спогоди со Обвинителството и доби условна казна, по што и си поднесе оставка. Најверојатно неговата оставка ќе биде констатирана во текот на идната недела на една од собраниските седници, но за сега нема најави кога ќе се предложи нов кандидат кој ќе го заземе неговото место.