Илјадници граѓани синоќа протестираа во Тирана против големото поскапување, сиромаштијата и корупцијата, пишува весникот „Албаниан дејли њуз“.
Дел од демонстрантите прецизираа дека протестираат против високата цена на бензините, немањето работа, криминалот и депопулацијата на државата.
Протестот, кој го организираше опозициската Демократска партија против владејачката Социјалистичка партија, се одржа пред кабинетот на премиерот Еди Рама. Демонстрантите се собраа во 19:00 часот на Булеварот на мачениците за да го изразат незадоволството од владеењето на Еди Рама.
Во областа беа распоредени многу полицајци. Американската амбасада, која се наоѓа во близина на местото на протестот, претходно ги повика американските граѓани во Албанија да не им приоѓаат на демонстрантите поради можноста од немири, објави српската национална телевизија РТС.
