Двајца браќа се повредени во инцидент со напад со нож што се случил во тетовското село Пршовце, откако претходно добиле закани и барање за исплата од 100.000 евра, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, на 5 јули во 23:35 часот во СВР Тетово, С.А. (41) и неговиот брат А.С. (42) пријавиле дека околу 21:00 часот С.А., додека престојувал во угостителски објект, телефонски бил контактиран од Д.И. (37) од Тетово, кој му побарал 100.000 евра и упатил закани.
Подоцна истата вечер, тројцата се сретнале на улица „120“ пред маркет, каде што осомничениот пристигнал со мотор. По кратка вербална расправија, ситуацијата ескалирала во физичка пресметка, при што Д.И. извадил нож и се обидел да го нападне С.А. Во обид да го заштити братот, А.С. бил ранет, по што и С.А. бил повреден со нож.
Двајцата повредени се пренесени во Клиничката болница во Тетово, каде им била укажана лекарска помош.
Истата вечер во 22:20 часот, осомничениот сам се пријавил во Полициската станица Тетово, а кратко потоа, во 23:20 часот, бил лишен од слобода и задржан за понатамошна постапка.
По целосно расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, соопшти полицијата.