ДНК траги пронајдени на материјалите со кои биле обвиени скриените пари се еден од клучните докази врз кои Обвинителството го темели обвинението против апелациониот судија Ѓоко Ристов.
Од Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција наведуваат дека биолошките вештачења укажуваат оти токму Ристов ракувал со и ги криел паричните средства, кои биле пронајдени заѕидани во домот на неговите родители во Неготино.
Според обвинителството, во истражната постапка се обезбедени, како што велат, цврсти и непобитни докази дека судијата прикривал пари за кои не можел да докаже законско потекло, а кои биле спакувани во повеќе пакувања и скриени во ѕид.
Обвинителката Искра Хаџи Василева изјави дека текот на истрагата ги потврдил првичните сомнежи.
„Она што беше основано сомневање на почетокот, во текот на истрагата се потврди и дополнително се зајакна“, рече таа по брифингот во ОЈО ГОКК.
Таа додаде дека со вештачење на биолошки траги е утврдено дека обвинетиот имал контакт со материјалите со кои биле обвиткани парите.
„Со вештачење на биолошки траги утврдивме дека токму обвинетиот е лицето кое ги криел овие пари“, изјави Хаџи Василева.
Во просторијата, како што посочи Обвинителството, биле пронајдени и белешки со ознаки и броеви кои упатуваат на користење на просторот од страна на Ристов.
Иако засега не се тврди директно дека станува збор за примање поткуп, од Обвинителството наведуваат дека доказите упатуваат на можни коруптивни дејствија и тргување со влијание.
„Не тврдиме дека директно е примен поткуп, но постојат докази за претходни практики на тргување со влијание“, истакна обвинителката.
Во рамки на постапката е предложена и конфискација на имот за кој постои сомневање дека е стекнат противправно. Анализирани биле и финансиските текови поврзани со членови на семејството, но предметот формално се води само против судијата.
Случајот произлегува од претходна истрага поврзана со адвокатот Фехми Стафа, кој во декември 2025 година бил фатен при примање 20.000 евра од договорени 100.000 евра за наводно влијание врз судска одлука. Тој подоцна ја признал вината и бил осуден на затворска казна.
Според Обвинителството, иако парите во конкретниот случај не стигнале до судијата, дополнителните претреси довеле до откривање на вкупно 350.000 евра, за кои Ристов, како што тврдат, нема докази за законско потекло и не ги пријавил во анкетните листови.
Постапката против судијата продолжува, а Обвинителството најавува дека ќе продолжи со истражни дејствија доколку се појават нови индиции или инволвирани лица.
