„Има живот без ЕУ“ – Милановиќ советува Македонија самостојно да го избере патот

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ остро оцени дека патот на Македонија кон Европската Унија е неоправдано долг и дека процесот е попречуван од барања кои не произлегуваат од Копенхашките критериуми. Изјавата ја даде по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Загреб, каде двата лидери разговараа за билатералните односи и евроинтегративниот пат на земјата.

„Се поставуваат барања што не се дел од европските правила. Се бараат отстапки што не се ни оправдани, ни дел од европското право. Што и да направите, веднаш доаѓа ново барање. Тоа личи на лицитација“, рече Милановиќ.

Тој истакна дека е време Македонија самостојно да процени дали членството во ЕУ „по секоја цена“ е вистинскиот пат.

„Им посакувам на Македонија и на Македонците сами да проценат, без туѓо менторство и без манипулации, што е добро за нив. Има живот без Европската Унија, и тој може да биде успешен и достоинствен“, додаде Милановиќ.

Хрватскиот претседател подвлече дека, иако членството во ЕУ претставува значајна надградба, „куќата“ на секоја држава се нејзините сопствени темели, структура и стабилност.

Македонската претседателка Сиљановска-Давкова, исто така, оцени дека патот кон ЕУ се претвори во „маратон со двојни стандарди“.

Таа рече дека, и покрај кандидатскиот статус од 2005 година и бројните позитивни извештаи, преговорите постојано се одложуваат.

„Бараме исти стандарди како за другите земји – ништо повеќе“, додаде претседателката.

Во рамки на посетата, Сиљановска-Давкова нагласи дека евроинтегративниот процес не е само политички или економски, туку и безбедносно прашање, и дека Македонија има капацитет да се натпреварува во исполнување на европските вредности доколку добие фер можност.

Македонската претседателка беше пречекана во Загреб со највисоки државни и воени почести, а во текот на посетата оствари повеќе билатерални средби и дискусии за идниот развој на односите меѓу двете земји.