Со морничави детали за борбата за живот и трајните здравствени последици, денеска пред судот сведочеше Петар Марковски, еден од преживеаните во трагедијата во дискотеката „Пулс“. Тој пред судечкиот совет раскажа за хаосот, пропустите во работењето на клубот и моментот кога морал да ги соблече патиките за да се извлече од купот онесвестени тела.
Марковски, кој бил редовен гостин во дискотеката седум години, критичната вечер пристигнал околу 12:45 часот за настапот на групата ДНК.
Без фискални сметки и „тајна врата“ за малолетници
Сведокот посочи на низа нерегуларности уште на самиот влез.
- Наплата на црно: Влезниците ги продавал Тодор, братот на газдата Дејан, без да издаде фискална сметка. „Мислам дека никогаш не сум добил фискална сметка за купена карта“, истакна Марковски.
- Малолетници: Потврди дека вечерта имало малолетници, што било честа појава. Тој откри и дека слушнал за посебна врата низ која малолетниците биле изнесувани за време на полициски рации.
„Плафонот беше сунѓер, огнот се ширеше молскавично“
Трагедијата започнала околу 02:30 часот кога се вклучиле прскалките. Според Марковски, плафонот, кој бил обложен со сунѓер при реновирањето есента 2024 година, пламнал веднаш.
„Во тој момент настана паника… Сите беа во паника и пред вратата се створи стампедо, на тоа исто место јас се онесвестив“, раскажува Петар.
Најпотресниот дел од сведочењето беше описот на неговото будење.
„Врз мене имаше тројца онесвестени лица, пробав да ги разбудам, не успеав, јас бев заглавен под нив. Морав да ги соблечам патиките за да станам“, рече тој.
Сведокот видел како газдата Дејан се качил на бината и се обидел да го гасне пожарот со ПП апарат, но стихијата била пресилна.
Марковски, кој имал обука за прва помош, останал во болницата до утрото помагајќи им на другите, иако и самиот бил тешко повреден. Подоцна бил префрлен на лекување во Словенија.
„На отпусното писмо пишува дека 100% ми биле црни белите дробови, ми биле изгорени дишните патишта. И денеска чувствувам последици, намален капацитет на дишење“, заврши сведокот.
